Интервју со Кристина

Интервју со Кристина

1. Кажи ни нешто за себе... Која е Кристина Тасева? Која е твоја јака страна и како ги подобруваш твоите вештини?

Кристина, односно јас, е речиси 17 годишна средношколка во гимназијата „Јахја Кемал Колеџ - Скопје“. Моментално завршувам втора година општа гимназија, а од септември ќе бидам во природно - математичкиот смер. Мене ме интересираат многу нешта и моите хобија се менувале често. Сепак, како едни од најдолготрајните би ги издвоила натпреварувањата во областа на математиката и информатиката, слушање музика (без слушалки не се оди никаде) и создавање пријатели. Не ми пречи да слушам било што, сé додека не е тишина, ама како омилена би ја обележала рок музиката од времето на Југославија. Освен тоа, и поради тоа што сакам промени, неретко си играм со својата коса: ја сечам, бојадисувам, плетам и врзувам, а патем ги мотивирам сите кои имаат или би имале долга коса истата да ја донираат.

kristina1

2. Долго време посетуваш обуки во Семос Едукација. Кои обуки ги имаш следено?

Започнав да посетувам обуки во четврто одделение, а прва обука секако ми беше Основни ИТ вештини. Потоа продолжив на Microsoft Office за која сметам дека е една од најважните обуки. Секој треба да ја заврши, било која возраст, бидејќи ги содржи сите правила, трикови и начини да се употребуваат овие апликации, а со оглед на тоа што ги користиме секојдневно, уште од основно образование, неопходно е да бидат употребувани правилно и писмено. Уште повеќе корисен е и беџот кој се освојува со полагање испит за Microsoft Office Certified Professional.

Во петто одделение ја развивав својата креативна страна: ги слушав обуките за Adobe Photoshop, Illustrator и Flash. Интересно е тоа што примена им најдов години подоцна за време на мојата пракса во еден маркетинг оддел.

Следната есен одлучив дека никогаш не е прерано да започнеш да учиш нешто ново, па мотивирана започнав да слушам предавања за програмскиот јазик C++. Ги завршив почетната и напредна обука и учествував на натпреварите организирани од ЗИМ (Здружение на информатичари на Македонија). Веќе следната година бев учесник на обуката подготовка за натпревари и истата ја посетував две години.

Оваа година во план ми е да се запишам на Академија за Web Developer со цел да добијам практично знаење од областа на програмирањето. Со тој сертификат подоцна би барала пракса и би аплицирала на факултет.

3. Учествуваш на многу натпревари како во Македонија, така и во странство. Пофали ни се со резултатите.

Мојата натпреварувачка кариера во програмирањето започна во шесто одделение заедно со мојата прва обука. Оттогаш учествувам секоја година на локални натпревари и секогаш освојувам награда, една од првите 3 од мојата генерација, како и една од првите 10 на ниво на држава од сите генерации. Во седмо одделение бев поканета на подготовките кои Здружението на информатичари ги организира за своите репрезентативци. Три пати до сега бев во тимот за Јуниорска балканијада по информатика (ЈБОИ), два пати во тимот за Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) и исто така два пати на купот на Математичката гимназија во Белград (МГ куп) во земјите Македонија, Бугарија, Србија, Романија и Русија. До сега имам освоено три бронзени медали.

Уште во четврто одделение почнав да се натпреварувам по математика. До сега сум била државен првак во својата генерација три пати и имам неколку медали, како на македонските олимпијади, така и на неколку странски. Математиката ми е сé уште голема пасија. И оваа година бев во репрезентацијата на Македонија на Женската Математичка Олимпијада (ЕГМО) каде бев навистина блиску до освојување на медал.

kristina2

4. Колку и како обуките во Семос Едукација влијаеа да го постигнеш овој успех?

Обуките во Семос Едукација се колевката на моите знаења и информатичка писменост. Речиси сé што имам научено, го имам научено таму.

Основните обуки се едноставни, но содржајни и специфични за тоа што може да му користи на едно деветгодишно дете. Истовремено го вовлекуваат во светот на информатиката и компјутерите.

Обуките за Adobe програмите кои ги посочив претходно, може навистина да го променат животот на дете со бујна фантазија или креативност. Нудат сосема нова платформа со која детето може да се изразува.

Програмирањето е одличен избор, според мене, за оние кои имаат натпреварувачки дух и сакаат предизвици. Семос Едукација сега имаат и нови програми на кои работат и постари ученици- натпреварувачи со цел слушателите да можат да се што поуспешни.

Во наредната недела сум пријавена на неколку отворени денови за академиите, кои ќе се одржуваат во следниот период. Пораснав со едукација од таа сфера и одлучна сум за кариера во информатика, затоа верувам дека академиите ќе ми бидат добар почеток. Моментално сум на ставот да избрерам Web Дevelopment, а кога ќе бидам сигурна ќе се пријавам и за стипендија.

5. Кои училишни предмети ти се омилени?

Покрај математика и информатика со кои се занимавам и во слободно време, ми се допаѓаат и часовите по македонски јазик, а часовите по биологија се многу интересни. На часовите по мајчин јазик секогаш се водат зрели дискусии, колку за лични мислења, толку и за факти и логички прашања, а и самиот предмет според мене е убав. Од друга страна професорот по биологија знае да ги направи часовите забавни, да ја зголеми љубопитноста и атмосферата е пријатна, без разлика дали на часот гледаме под микроскоп, сечеме срце од животно или учиме од учебник.

kristina3

6. Која е твојата пасија?

Своето слободно време, односно времето надвор од училишните обврски, го распределувам помеѓу подготовки за натпревари и дружење со пријателите. Социјализацијата е огромен дел од мојот живот. Обожавам да зборувам со луѓе и мојата вродена љубопитност е задоволена кога запознавам луѓе, разменувам мислења и слушам различни ставови. Сметам дека може многу да се научи ако почнеме да се прашуваме зошто луѓето ги прават нештата така како што ги прават, не само што ќе имаме повеќе разбирање, туку ќе бидеме способни и да процениме каква постапка до каков резултат би довела.

7. Кој е најдобриот совет што некогаш си го слушнала?

Да го правам тоа што ме прави среќна, меѓутоа јас би го дополнила со тоа дека некогаш треба да се направат жртви за таа среќа и воедно нашите стандарди за што нé прават среќни да се повисоки. Секако, имам чуено огромно купче добри совети меѓу кои би ги издвоила и: тоа што е во главата никој не може да ти го зеде, не се откажувај освен ако нема неизбежна причина, верувај во себе, никогаш не е доцна за добра промена…

8. Кое е твоето лично мото?

Како свое мото би го навела „Сé може да биде поправено или подобрено“. За себе тврдам дека сум реалист, што значи дека реално ги гледам ситуациите и проблемите во нив, но, исто така, ги гледам и можностите за подобрување на тие ситуации. Овој начин на размислување некако потсвесно се всади во мојата психа, сигурно од многу решавање задачи. Секој проблем може да биде решен, ако доволно се сака - секогаш има начин. Дури и ако не можеме сами да го разјасниме можеме да поттикнеме други луѓе да размислуваат на таа тема.