Родители, како сте? Како се снаоѓате?

Родители како сте? Како се снаоѓате?

За Онлајн учењето, ИКТ во наставата и компјутерската писменост на нашите деца

блогмкд

Кога на една средба искоментирав дека училницата во која за прв пат влезе мојот син првоодделенец суштински е потполна иста како кога јас бев првоодделенка пред 40 години, некои од присутните се затекнаа засегнати. Одговорот беше, зарем вие пред 40 години имавте компјутер и печатач во училницата?! Како тоа да треба да е најголемото достигнување во употребата на ИKТ во наставата. (Иако мојот коментар повеќе беше за фронталната поставеност на клупите и големината на инвентарот).

За жал важноста на употребата, начините на употребата, знаењето и вештините кои треба да ги имаат наставниците и децата за употребата на ИКТ во наставата ја сфативме на еден непосакуван начин, принудени да се префрлиме на онлајн настава со користење на ИКТ.

  • Поентата всушност е како ние ја перципираме употребата на ИКТ во наставата?
  • Доволно ли е во една училница да има компјутер, телевизор, паметна табла и печатач?
  • Кој го користи тоа: Наставниците или децата?
  • Кој ракува со тоа?
  • Како се користи?
  • За што се користи

И уште еден мал милион прашања...

Според 21st Century Learning design доколку учениците немаат можност да ја користат ИКТ самостојно тоа не се смета за нејзина употреба во наставата. Или кажано на друг начин, само презентирањето од страна на наставникот на материјалот не се смета за употреба на ИКТ. Важно е учениците да имаат контрола врз ИКТ од нив самите.

Колку информатичката технологија се применува или колку можности има да се примени во нашите училишта?

Дали наставниците имаат знаења и вештини правилно да ја употребат ИКТ во наставата? Дали децата се доволно компјутерски писмени доколку им се даде можност правилно да ја користат ИКТ во нивниот процес на учење?

Тука не станува збор само за поседувањето на компјутери и друг хардвер во училиштата.

Скоро секое дете има паметен телефон или компјутер. Е сега замислете го нивниот свет надвор од училницата и во неа. Два спротивставени света. Во едниот, оној надвор од училиштето голем дел од времето децата поминуваат користејќи технологија, а во другиот - оној во училиштето е забранета во текот на часот (оправдано, затоа што доколку ја употребуваат не е во насока на учење за време на часовите) или само се неми набљудувачи доколку технологијата ја употребува наставникот без можност нив да им се дозволи да ја користат. Зошто едниот свет да не го ставиме во функција на другиот? Може ли употребата на паметните телефони и компјутерите да ја ставиме во функција на учењето? Ама тоа да го направиме суштински во целокупниот процес на наставата и сега кога учиме онлајн и тогаш кога ќе се вратат во училишните клупи?

Може ли децата да ги насочиме своите вештини и знаења од оваа област да ги употребат во насока на подобрување на наставата наместо како што често викаме да “губат време на компјутер и телефон”?

Од друга страна во мојата работа често доаѓам во контакти со родители кои кажуваат дека нивните деца се и повеќе од компјутерски писмени. При упис на децата во Детскиот Едукативен Центар првите прашања што ги поставувам се: колку време поминуваш на компјутер и за што всушност го користиш компјутерот? Одговорот најчесто е многу време, гледајќи видеа на Youtube и играјќи компјутерски игри. И сега повторно да се вратам на констатацијата од голем дел на родители, дека нивните деца се компјутерски писмени. ДАЛИ Е ТОА ТАКА?

Што всушност претставува компјутерската писменост? 

Според една дефиниција компјутерската писменост подразбира способност да се користи компјутерот или сродната технологија ефективно, тоа е еден широк ранг на вештини кои вклучуваат нивоа од поседување на основни компјутерски вештини, преку програмирање до решавање на напредни проблеми.

Според Блумовата таксономија има неколку нивоа (степени) на воспитно образовните цели, а највисоките од нив се анализа, евалуација и креирање (создавање). Правилната употреба на ИКТ се смета во контекст на постигнување на ваквите цели т.е. ИКТ да се употреби во насока на креирање на знаења на учениците. Употребувајќи ја да можат самостојно да создаваат анализираат и евалуираат знаења. Затоа што во новиот свет и модерното општество наставникот ја губи улогата на главен извор на информации и ја добива улогата на медијатор и насочувач.

Е тоа е суштината на теоријата на 21st Century Learning design за употребата на ИКТ во наставата. ИКТ треба да ја ставиме во функција на креирање на знаења и во функција на решавање на реални проблеми.

Исто така, ИКТ може да им помогне на учениците да соработуваат помеѓу себе на начини кои претходно биле невозможни или да комуницираат преку нови медиуми.

Дали нашите деца знаат и се вешти во тоа? Дали знаат да ја употребат технологијата за да стекнат релевантни знаења, да искомуницираат правилно, дали знаат да креираат некој ИТ производ кој ќе помогне или ќе реши некој проблем, нов можеби само за нив или реален кој ќе помогне и на пошироката заедница?

Нема да давам заклучоци, но ќе ги оставам овие прашања отворени за да можеме заедно да размислиме и да дискутираме на темата.

  • Како децата се снајдоа на ова поле во ситуацијата во која се затекнавме?
  • Како наставниците се снајдоа на ова поле во ситуацијата во која се затекнавме?
  • Како родителите се снајдоа на ова поле во ситуацијата во која се затекнавме?

За крај само едно мое размислување... На децата местото им е во училница, неа ништо не може да ја замени. Но во вакви околности знаењето и ИТ вештините се тие кои што можат да се искористат и да ја компензираат неможноста за присуство во училница. Да ги оспособиме децата да ги развијат потребните вештини за 21век. Сега на овој начин, а потоа и во училница за да го подобриме наставниот процес и да ги поврземе двата паралелни света на децата. Да ја искористиме таа можност!

Aвтор: 

natasa

Наташа Ристеска Тодоровска, 

Раководител на детскиот едукативен центар

Диплимиран педагог, Магистрант по менаџмент, Microsoft Innovative Educator - MIE