Запознајте го Мартин Ташкоски

Запознајте го Мартин Ташкоски - нашиот предавач од Детскиот едукативен центар

Кој е Мартин?

Моментално работам како аналитичар програмер во ТИТАН Цементарница Усје – Скопје. Во Семос Едукација предавам повеќе од 3 години и имам држено повеќе курсеви: Adobe Flash (Adobe Animate), Adobe Dreamweaver (Основи на HTML и CSS), Напреден C++, Програмирање во C# Ниво 1 и Ниво 2.

Мартин, кога би требало да се опишеш себеси со три зборови, тие би билe...

Искрен, нетрпелив и креативен.

Како ти започна кариерата во Семос Едукација и како стигна до таму каде што си сегa?

За Семос Едукација имав слушнато преку пребарувањата што ги правев на интернет за тоа дали во Македонија некој работи и користи Flash J. Бидејќи таа апликација ја сакав уште од средно образование и правев кратки анимации само затоа што ми беше интересно. Кариерата ми започна уште додека работев како демонстратор на факултетот ФИНКИ. Во Семос се одржуваше натпревар по програмирање и јас бев дел од организацијата под менторство на професорот Миле Јованов. Ја искористив таа прилика за да се распрашам за курсот Flash и за моја среќа Семос Едукација имаа потреба од предавач на деца за курсот „Креирање на анимации со Flash“. По препорака на мојот професор добив шанса од Семос Едукација да го одржам моето тест предавање, а после тоа и да станам дел од овој тим.

Што е она што те мотивира на професионален план?

Изреката од Ајнштајн „If you can't explain it to a six year old, you don't understand it yourself“ ми претставува главен мотив за да се посветувам посебно за секој час и работи кои сум сметал дека се едноставни да пробам да ги објаснам на креативен и интересен начин. И до ден денес се трудам да воведувам различни интересни методи за објаснување на одреден проблем.

Предаваш на дечиња кои се потенцијални идни твои колеги. Како е да се работи и предава во Детскиот едукативен центар на Семос Едукација?

Според мене знаењето треба да се споделува за да имаме поголем напредок. Шансата која што ми е дадена е предизвикувачка и одговорна. Кога ќе излезеш пред група луѓе за да пренесеш нешто што ти си го научил, од тебе зависи дали слушателот ќе добие желба и интерес за темата или ќе добие одбивност и понатаму во животот ќе ја одбегнува таа тема. Предавањето со деца е посебен предизвик бидејќи сите деца се различни, различно размислуваат, различни цртани гледаат, различни компјутерски игри играат и единствен начин за го придобиеш нивното внимание е да успееш да вметнеш дел од нивниот свет во она што треба да се предава. Би ми било особено драго некогаш тие деца да станат мои колеги и да напредуваат во компјутерскиот свет.

Зошто сакаш да бидеш дел од тимот предавачи на Семос Едукација, што е најинтересниот дел од работата овде?

Тимот во Семос Едукација го сочинуваат професионалци во различни области така да секогаш има што да се научи од било кој од нив. Најинтересниот дел од работата е дружењето и споделувањето на различни идеи со колегите и предизвикот за предавање што го носи секоја нова група на деца.

Што правиш во слободно време?

Кога имам слободно време сакам да избегам од реалноста т.е. гледам анимирани и научно-фантастични филмови. Исто така ме исполнува пешачењето и фотографирањето во природа, дружење со моите пријатели, свирење на гитара, возење велосипед.

Кој е најдобриот проект според тебе на кој имаш работено?

Би издвоил еден интересен проект кој го правевме со мој колега за време на магистерските студии. Задачата беше да направиме некој визуелен приказ на процес што се случува во човечкото тело. Наша задача беше да го прикажеме респираторниот систем кај човекот, а како технологија за изработка на апликацијата со анимации користевме Flash, Action Script 3.0 и стоп анимација. За да ги направиме стоп анимации прво направивме модел со предмети кои што можевме да ги најдеме по дома. Еве една слика од моделот чисто како илустрација. 

Кое место на светот сакаш да го посетиш?

Русија.

Кој е твојот скриен талент за кој никој не знае?

Не често ама понекогаш добивам желба да ја „потрошам“ мојата креативност на правење играчки (претежно ликови од анимирани филмови) од најразлични предмети. Не знам дали тоа е талент и дали сум добар во тоа, ама крајниот резултат ме исполнува.

Која книга последно ја имаш прочитано?

“How to cheat in Adobe Flash CC” - Chris Georgenes J

Омилена апликација на телефонот?

Бидејќи една од моите занимации е да фотографирам би рекол камерата.

Омилен филм?

WALL-E

Совет за оние кои би сакале да се приклучат на тимот предавачи на Семос Едукација

Доколку сакате да се надоградувате во она што го работите и да го споделувате вашето знаење со другите тогаш можеби треба да размислите да се приклучите на тим со различни професионалци.

 

martin

Мартин Ташкоски

нашиот предавач од Детскиот едукативен центар