Бојан Гавровски – тренер во Семос Едукација

Уметноста на предавањето е во тоа да им ја приближите материјата на студентите на начин и јазик кои тие ги разбираат

Кажи ни нешто за себе?

Здраво, јас сум Бојан. Предавач во Семос Едукација последниве 11 години, автор на повеќе едукативни програми и курсеви во делот open source. Надвор од Семос Едукација, во последниве 20+ години сум софтвер архитект, консултант и девелопер. Пред 10-ина години основав сопствена IT компанија, Beyond Basics, во која користиме мноштво различни open source технологии. Не знам да кажам „Не“ на предизвик. Константно учам и прибирам знаење. Пробувам на проблемите секогаш да им пристапувам со отворен ум. Верувам во тоа дека секој има приказна вредна да се слушне. Готвам еднаш во месецот, но со голем ќеф. Патувам, планинарам, знам да утепам по неколку саати на Youtube гледајќи видеа…

Зошто се одлучи да бидеш тренер?

Отсекогаш сум се восхитувал на луѓе кои со леснотија знаат да направат комплексни теми да звучат едноставно. Оние моменти кога некој објаснува нешто и ти доаѓа она “АХА!” чувство. Кога дојде понудата да предавам во Семос Едукација , констатирав дека имам собрано доволно искуство и имам што да кажам. Меѓу сите овие работи најважна од сé беше идејата дека ќе можам да го споделам моето знаење со луѓе кои се наоѓаат на почетокот од една нова и интересна патека во нивниот живот каде работите стануваат многу појасни доколку има кој да те води.

Како почна твојата Семос авантура?

Мојата Семос авантура започна барем 5-6 години пред да станам предавач. Тоа е кога се приклучив на тимот на Семос Мултимедија како веб дизајнер. Уште тогаш бев во контакт со тимот на Семос Едукација затоа што по некоја случајност јас бев еден од луѓето кои работеа на нивната тогашна веб страна. Неколку години подоцна, колега од Семос Мултимедија ми се јави на телефон да ме праша дали знам PHP. Откако му одговорив позитивно и го распрашав за што станува збор, ми кажа дека во Семос Едукација има отворена позиција за PHP тренер во рамките на тогашниот колеџ за веб дизајн. Полн трема отидов на интервјуто. За позицијата ме интервјуираа Ангелина и Дијана, колешки кои ми се многу мили и со кои сѐ уште соработуваме. 11 години подоцна сѐ уште сум тука. Останатото е историја.

Што е најинтересен дел од твојата работа како предавач во Семос Едукација?

Има повеќе интересни работи во тоа да се биде предавач. На пример, кога по подолго време ќе сретнете некој од вашите ученици и ќе ви кажат дека успеале да направат професионална кариера од она што сте им го предавале. Или пак, кога креирате нова наставна програма за некоја нова технологија со сите оние детали за кои мислите дека не се може, без да имате идеја како ќе биде прифатена од слушателите. Разноликоста на луѓето кои ги среќавате како предавач е неверојатна. Во текот на овие 10+ години колку што предавам сум имал ученици од најразлични возрасти, степени на образование и професии, но сите со иста цел. Интересно е да се види како различностите и искуството играат улога при анализа и решавање на технички проблеми, некогаш и на начин на кој дури ни јас не би се сетил. Голем дел од учениците доаѓаат и си одат но со некои од нив имаме формирано и убави пријателства, па си одиме по слави, свадби и родендени.

Што би им порачал на оние што сакаат да станат дел од тимот на предавачи во Семос Едукација?

Ако го сакате она што го работите, мислите дека имате знаење вредно да биде споделено со други и секогаш со љубов и трпение пристапувате кон оние помалку искусни од вас, Семос Едукација е местото каде што треба да бидете. Ако сте тремаџии, без гајле. Јас и после 11 години пак имам трема со секоја нова група. Да се биде предавач не значи само да се зборува, туку и да се слуша. Уметноста е во тоа да им ја приближите материјата на вашите ученици на начин и јазик кои тие го разбираат.