Даниела Спасева – тренер во Семос Едукација

Она што ме задржа 10 години во Семос Едукација, е тимот со кој делиме иста визија

Кажи ни нешто за себе

Дизајнер сум со долгогодишно искуство, кај кого страста и пасијата за дизајн гледаат една поинаква перспектива и визија за промени во општеството. Во тимот на Семос Едукација сум веќе 10 години, последниве неколку години координатор на програмата за графички дизајн и дел од тимот кој работеше на акредитација на програмата на национално ниво. Инаку подолго време сум дел од маркетинг агенцијата МcCann  каде работам како арт директор, a овие два различни аспекти на професијата прилично се надополнуваат и балансираат.

Зошто се одлучи да бидеш тренер?

Одлуката беше повеќе прашање на предизвик и себепотврдување но она што ме задржа 10 години е тимот со кој соработувам, со кој делиме иста визија и секако таа двонасочна врска со студентите која е бесценета и те мотивира да го извадам максимумот од себе. Давањето и споделувањето со нив е она што мене ме мотивира и инспирира.

Како почна твојата Семос авантура?

Навидум сосема случајно, ако некој верува во случајности J но тука мислам дека пресуден беше мојот прв контакт со мојата сегашна директорка Ангелина чија непосредност и отвореност беа пресудни. На нејзина иницијатива направиме пробни предавања, каде се почувствував многу природно во улогата и исходот беше јасенJ

Што е најинтересен дел од твојата работа како предавач во Семос Едукација?

Секако прво би ја издвоила таа непосредна и слободна комуникација со студентите, пристапот на отворено, несебично споделување на знаење и искуство, транспарентност, взаемност, синергија на таленти, збир на креативни потенцијали и секако можноста на студентите да им дадам увид во широката слика, да им покажам дека најважно од се за да успеат им треба страст, посветеност дека е битно да развиваат работни навики, искреност и фокус. Да им покажам дека нивниот потенцијал е многу поголем одколку што мислат дека е, да веруваат во себе, да им ја разгорам таа креативна искра која поместува граници и излегува од воспоставени рамки. Индивидуалниот пристап во работата ми го овозможува тоа.

Што би им порачала на оние што сакаат да станат дел од тимот на предавачи во Семос Едукација?

Да си дозволат една поинаква перспектива на својата професија, која истовремено ќе им помогне работејки и менторирајки студенти и самите да станат подобри. Можноста што до вас допираат нови и свежи размислувања, нивниот ентузијазам не ве остава да хибернирате, едноставно имате желба да дадете повеќе од себе.