Новости Листа

ЗАВРШНА ИЗЛОЖБА „Умни Глави – Топ Дизајни“

на студенти од Семос Академија за графички и веб дизајн

Академијата за графички и веб дизајн под покровителство на Семос Едукација, во Културно Информативниот Центар (КИЦ) организира завршна изложба на графички и веб проекти од студентите на Академијата. Изложбата ќе биде свечено отворена на 1 јуни 2018 година, со почеток од 20:00 часот.


На настанот ќе се промовираат и ќе се претстават 26 Графички и Веб дизајнери од Академијата. Ова е одлична можност за компаниите од графичката и интернет индустрија да се сретнат со квалификувани дизајнери и одблиску да се запознаат со нивните дела и потенцијали.

Студентите од програмата за графички дизајн ќе се претстават со повеќе од 150 графички решенија, како најуспешни и најкреативни проекти на кои работеле во изминатиот период. На изложбата ќе бидат поставени плакати на разни теми, логоа и корпоративен идентитет, дигитални манипулации на фотографија, дигитални илустрации, дизајн на публикации, додека студентите од програмата за веб дизајн, ќе се претстават со сопствените портфолија и динамични веб страни кои содржат програмерски дел, галерија и мултимедијални содржини.

Академијата за графички и веб дизајн редовно дава свој придонес во општествено одговорните практики, обезбедувајќи проекти за студентите наменети за реални клиенти на кои најмногу им е потребно. Обезбедувањето на практични проекти, има за цел да се поттикнат студентите на совесно творештво и креација во развој на оригинални идеи, да се охрабрат во својот личен раст и развој како дизајнери, како и да се стекнат со специфични компетенции како дел од програмата на Академијата. Годинешните проекти се наменети за потребите на 3 институции: ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, ЈЗУ Геронтолошки Завод „13 Ноември“ и Федерација за планинарски спортови на Македонија, што резултираше со оригинални решенија изразени во разни графички форми на маркетинг и рекламирање.

Дел од студентските проекти може да се видат во генерацискиот каталог со истиот наслов „Умни Глави – Топ Дизајни“. Оваа публикација со богата содржина ќе биде промовирана на настанот, а воедно ќе може да се преземе од веб-страната на Семос Едукација.

Дизајнот на поканата го изработи Ивана Петреска, „Умна глава со топ дизајни“ студент од програмата за графички дизајн.

Академијата за графички и веб дизајн во рамки на Семос Едукација, во своето 12 годишно постоење досега има едуцирано повеќе од 250 дизајнери кои успешно ги градат своите кариери во Македонија и странство. Основната цел е едукација на студенти и создавање кадри - Графички и Веб дизајнери кои лесно ќе се прилагодат на пазарот на трудот во графичката и интернет индустрија, како и мултимедијата. Како водечка едукативна институција во ова поле, Академијата гo персонифицира духот на врвни знаења, креативни активности, креирање на дополнителна вредност и оригинални идеи.


Уписот за новата академска 2018/19 година е веќе отворен и сите заинтересирани можат да го искористат најголемиот промотивен попуст за рана уплата до 15 јуни.

Лице за контакт

м-р Ангелина Канчевска
Раководител на Семос Академија за графички дизајн
+389 71 223 993