Студио JGA – Талент Партнер на Академијата за внатрешен дизајн

Студио JGA – Талент Партнер на Академијата за внатрешен дизајн

Разговараме со вработените во Студио Џеј-Џи-Еј (Studio JGA). Како дојдовте до идејата да започнете бизнис во областа на внатрешниот дизајн и архитектура?

Ј.Г. -Желбата за сопствен бизнис датира уште од периодот на моето студирање на Архитектонскиот факултет во Скопје. По завршување на студиите беше премногу рано да се размислува во таа насока и така започнав да работам како проектант во друго студио. По три години работење, сфатив дека моето место не е таму и решив да ги спакувам куферите и да заминам надвор од државата. Со сплет на околностите и Ковид кризата, 3 дена пред мојот лет сите граници беа затворени (се смее Јулија Груевска, сопственичка на студиото😊). Останав без работа и ограничен број на опции. По аплицирање во неколку проектантски бироа и неколку интервјуа за работа каде условите кои ги нудеа беа навистина поразителни, сфатив дека компанијата во која сакам да работам и растам, ќе мора да ја изградам од корен и така се роди Студио Џеј-Џи-Еј.

Kако изгледа еден работен ден на дизајнер на ентериери?

Ј.Г. – Секој ден во студиото и работата како дизајнер е различен. Зависно од тековната работа која што ја имаме еден ден може да биде добра музика, кафе и креатива, а веќе следниот да биде дожд на терен, нечисти патики и пивце со мајсторите. Динамичноста која ја имаат професиите од овој вид е неверојатна. Тоа е еден цел процес кој константно те држи во неизвесност, но истовремено секој работен ден е можност за кретивен израз и спој на функционалност со убавина.

Неодамна склучивте партнерство со Кариерниот центар како Талент Партнер на Академијата   за внатрешен дизајн. Зошто токму Семос Едукација?

Ј.Г. -Семос Едукација е мојот втор дом. Пред почетокот на Студио Џеј-Џи-Еј започна и мојата приказна како инструктор за AutoCAD и 3ds Max. Денес, како дел од оваа компанија со извонредни визионерски погледи и вработени кои функционираат како семејство, можам да кажам дека партнерството помеѓу двете компаниии беше следниот логичен чекор. Следствено на тоа, се приклучивме како Талент Партнери на Академијата за внатрешен дизајн. Сакаме сите студенти кои се дел од оваа програма да добијат услови за работа на реални проекти и секако во склоп на нашите можности, да помогнеме кон пракса и вработување на истите.

Ваше мислење за програмата на Академијата? Што би им било најкорисно на идните дизајнери на ентериер?

Ј.М. – Кога ја рагледав подетално програмата на Академијата за внатрешен дизајн во Семос Едукација, сфатив дека навистина се размислувало за целиот процес од работата и кон тоа сите студенти да го добијат и теоретското, но и практичното знаење. Ми се допаѓа вклученоста на сите софтверски алатки кои придонесуваат кон побрза и подобра изработка на еден проект. Сметам дека најкорисен модул е модулот за 3D Визуелизација кој им овозможува неколку работни позиции на студентите и во компании ,но и во работата како фриленсери.

Какви можности за студентите нуди Studio JGA за време и по завршувањето на Академијата?

М.А. - Студио Џеј-Џи-Еј нуди можност за работа на студентите на реални проекти, можност за одржување на предавања од наша страна и споделувања на искуства од практична работа, можност за пракса и вработување по завршување на студиите.

Според вас, колку е развиена оваа индустрија во Македонија и дали оваа професија дава можност за работа со меѓународни клиенти?

Ј.Г. -Професијата како дизајнер на ентериери моментално е во сериозен раст на нашиот пазар, а можноста за работа со интернационални клиенти е огромна поради се поголемииот број на канали кои нè врзуваат со компании и индивидуалци надвор од нашата држава. Во моментов во нашата компанија се работи на 4 проекти во Канада, Турција и САД. Живееме во дигитално време кога можностите за работа онлајн и интернационално се во постојан пораст.

Кои особини и алатки треба да ги поседува еден успешен дизајнер на ентериери?

Ј.Г. -Еден дизајнер на ентериер првин треба да поседува љубов кон естетика и желба постојано да се надоградува. Работите во пракса постојано се менуваат, излегуваат новитети кои мора постојано да се следат. Успешен дизајнер исто така мора да го познава, спроведе и менаџира целиот процес од идеен проект до изведба. За таа намена, сите софтверски алатки од палетата на Autodesk кои се дел од Академијата за внатрешен дизајн се од неизмерно значење за еден професионалец од областа.

Што би им препорачале на идните студенти на Академијата за внатрешен дизајн?

Ј.Г. -Првично би сакале да им посакаме успешна академска година. Се надеваме дека партнерството помеѓу Семос Едукација и Студио Џеј-Џи-Еј ќе резултира со поголема практична настава и вдахнување на нови идеи во склоп на Академијата за внатрешен дизајн. На сите студенти им препорачуваме да останат доследни на своите желби и соништа, да бидат максимално проактивни и секогаш да се трудат да извлечат максимум од сè. На крајот на краиштата, секој труд секогаш резултира со напредок на секое поле во животот.